Претреси на две локации во Кондово, приведен 34-годишен маж

125

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје извршија претреси на две локации во С. Кондово – Скопје и при тоа го приведоа 34-годишниот С. И. осомничен за кривично дело грабнување, извршено на 8.9.2020.

СВР Скопје – Единица за насилен криминал претходно поднесе кривична пријава против Р.А.(32), Ј.И.(36), Б.Џ.(27), С.И.(34) и Л.Р.(31), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело грабнување, казниво по член 141 од Кривичниот законик. На 8.9.2020 околу 22:00 часот на автопатот Скопје – Тетово, на наплатната рампа кај с.Глумово, во организација на првопријавениот и петтопријавената, третопријавениот и четвртопријавениот со патничко возило му го пресекле патот на Б.М.(34) од Гостивар, кој бил со своето патничко возило „масерати“. Им се приклучил и второпријавениот и сите заедно физички го нападнале Б.М., по што насилно го внеле во неговото возило и го однеле на автоплац во с.Кондово, сопственост на првопријавениот, каде што повторно физички го нападнале. Прво, второ и третопријавениот, поради наводен долг од 20.000 евра, го присилиле оштетениот да влезе во возилото „бе-ем-ве Х5“ и го однеле во нотарска канцеларија во Тетово, каде го присилиле да направи купопродажен договор за неговото возило „масерати“ да се префрли на име на првопријавениот. По тоа, го однеле оштетениот на бензинска пумпа кај с.Желино.

По пријавување на настанот, СВР Скопје презеде мерки и бил извршен претрес во домот на првопријавениот, при што со потврда било одземено возилото „бе-ем-ве Х5“. Од слобода биле лишени второ и третопријавениот, а на разговор била повикана петтопријавената. На 10.9.2020, по претходен распишан распис, сам се пријавил првопријавениот и со него бил извршен разговор, по што бил задржан за понатамошна постапка, а денеска е приведен и С.И..