Пресудата за убиството на Саздовски предизвика измешани чувства кај семејствата

1042

Бесир Беља и Скендер Демири денеска беа осудени на 19 години казна затвор за сторено кривично дело „Убиство на сиреп начин“ сторено врз 20-годишниот Никола Саздовски од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје, по што нивните семејствата, не се задоволни со денешната изречена пресуда. Од друга страна, таткото на Саздовски пред новинарите рече дека со оваа пресуда правдата е задоволена во извесна мера.

– Ние не ја прифаќаме оваа пресуда и ќе се жалиме до Апелација. Видовме дека сѐ уште нема правда во Македонија, казната е превисока – рече Бесарт Беља, братот на Бесир Беља, осуден за убиство на 20-годишниот Никола Саздовски, по денешното изрекување на пресудата.

Таткото на Саздовски, пак, кажа дека е задоволен со казната која ја предвидел законот, односно од пресудата.

– Од ова видовме дека колку толку правдата може да биде задоволена. Се надевам дека друг повисок суд нема да ја преиначи казната. На родителите би им порачал да го кажат и третиот осомничен кој е во бегство, сигурен сум дека знаат. Да не останат нивните деца сами во затворот. За Никола повеќе нема враќање, сите што го знаеја, знаат дека не беше насилник, сакаше да другарува со сите – рече таткото на Никола Саздовски, Тони Саздовски.

Тој исто така кажа дека материјалната штета, доколку биде исплатена, ќе биде донирана во хуманитарни цели.

– Другарите на Никола организираат турнир во мал фудбал, се надеваме дека ќе биде традиционален. Парите ќе одат во оваа насока и за останати хуманитарни акции. Треба да остане сеќавање за вакви работи повеќе да не се случуваат – рече Саздовски.

Беља, Демири и Јетон Љужа кој е во бегство, на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на булеварот „Александар Македонски“ во населбата Автокоманда, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта.

Откако Саздовски го потврдил идентитетот, обвинетите заедно почнале да го удираат со тупаници во главата и во градите. Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите продолжиле со да го удираат по главата. Од ударите Саздовски добил тешки телесни повреди опасни по живот, по што паднал во коматозна состојба.

Саздовски во бессознание бил пренесен во ургентниот центар во Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен на КАРИЛ каде престојувал повеќе од 10 дена. На 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултат на здобиените повреди, Саздовски починал на 9 јули 2018.