Прекината потрагата по момчето кое исчезна во Преспанското Езеро

891

Потрагата по 16-годишното момче од Ресен, кое вчера доцна поладнето, околу 18 часот исчезна во во водите на Преспанското Езеро, по над 20 часа упорно барање е прекината.

Специјалните полициски сили составени од нуркачи доцна попладенво ја прекинаа потрагата поради немање на кислород во кислородните боци и тие се повлекоа од езерото.

На Преспанското Езеро останаа само најблиските на момчето кои скршени од болка не можат да се помират со тешката судбина која ги снајде, како и неуспешната потрага по нивното дете.

Иако потрагата по момчето од Ресен почна речиси веднаш откако тоа не се појави на површината, а во истата покрај полициските сили, и нуркачи, до раните утрински часови се вклучија и жители од Преспа, момчето сѐ уште не е најдено.

– Буквално цела ноќ ние баравме околу местото каде што сметаме дека исчезна момчето. Подоцна во потрагата се вклучија и нуркачи од Ресен, Охрид и Битола но за жал без успех – велат од полицијата.

Инаку, речиси по едно деноноќие од исчезнувањето на младото на 16-годишното момче од Ресен, многу прашања остануваат без одговор. Особено иритира сознанието дека децата се возеле на педалинка без притоа да имаат врз себе елеци за спасување.

Потоа, како може на плажата во Претор да нема специјално обучени спасувачи и плажата да не биде обележана до каде капачите можат да се оддалечуваат од брегот на истата.

Засега останува отворено прашањето кога ќе продолжи потрагата по исчезнатото момче, кое веќе едно деноноќие се наоѓа во матните води на Преспанското езеро.

М.М.