„Правда за Кољо“ – протестен марш во Аеродром

290
фото: Твитер

Стотина млади лица вечерва одржуваа протестен марш од скопската населба Аеродром до кривичниот суд, носејќи транспарент „Правда за Кољо“.

Граѓаните, кои во текот на денот се организираа на социјалните мрежи, не извикуваа никакви пароли, а повеќето носат црна облека. Тие бараат повисока затворска казна за убиецот на 17-годишниот Никола Христовски – Кољо, на кој кривичниот суд му изрече тригодишен затвор.

Сличен протест се одржа и минатиот месец, кога беше донесена судската пресуда. Оттогаш, Обвинителството поднесе жалба на пресудата.

Од кривичниот суд тогаш појаснија дека за кривичното дело убиство на миг, за кое му се судеше на обвинетиот, 18-годишниот А.Т., предвидена е затворска казна од една до пет години.

Член 125 вели дека тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на убиениот ќе се казни со затвор од една до пет години.