Почина родилка породена во гинеколкошката болница во Чаир

444

Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“- Чаир, Скопје, денеска соопшти дека  во претпладневните часови родилка починала како резултат на комплицирана бременост. Во соопштението се наведува дека родилката била породена со царски рез и оти родила живо новороденче, по што нејзината здравствена состојба се комплицирала и била префрлена во поранешната градска болница во Скопје, каде што починала.

Како што наведуваат од болницата, родилката била примена вчера со високо ризична бременост во преекламптична состојба во 38-ма гестациска недела од бременоста, со плод во карлична презентација, повеќе големи туморозни формации на матката и две претходни породувања со царски рез.

– По приемот се превземени сите соодветни мерки за стабилизација на пациентката и следење на состојбата на плодот. Поради влошување на здравствената состојба на плодот и мајката се пристапи кон итно породување со трет царски рез, при што е родено живо новороденче. Непосредно по завршување на операцијата дојде до акутно влошување на општата здравствена состојба на родилката и дистабилизирање на виталните параметри. По иницијална интензивна ресусцитација, пациентката во исклучително тешка состојба со возило на брза помош е префрлена на Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски” – Скопје, каде што во претпладневните часови и покрај целосниот ангажман и дадена терапија по протокол истата екзитирала, појаснуваат од Гинеколошката болница во Чаир.