Потписот на Џафери го спаси Алими од денешното судење за „Титаник 3“

450

Денешното рочиште за предметот на СЈО, „Титаник 3“, на кое требаше да бидат испитани обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими, беше одложено од судијката.

Причина за одлагањето е што Ејуп Алими требало да биде присутен на редовна понеделничка координација. Лично претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги потпишал известувањата до судот дека Алими замолува да биде присутен на редовните закажани координативни средби во парламентот. Алими не се појави на судењето.

Судијката Марија Клетничка Марковска констатира дека и минатото рочиште се одржало во понеделник, а терминот бил претходно даден. Судот даде пауза од 15 минути за да одлучи што понатаму.

На претходното рочиште адвокатите побараа изземање на обвинителите, но не го добија.

Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, заменик-директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година, тие уништиле изборен материјал.

Според обвинението, Алими и Гури влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ.

Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.