Потврдени затворските казни за нападот на Села

637

Скопска апелација им ги потврди затворските казни на осудените за нападот на Зијадин Села во Собранието. Tие по добивањето на пресудата треба да добијат упатен акт за да одат во затвор од судија за извршување санкции.

Судијката од Основниот суд Скопје 1, Славица Андреевска, минатата година обвинетите ги огласи за виновни, бидејќи со умисла се обиделе го убијат пратеникот Зијадин Села.

Според пресудата, најголема казна од 13,6 години доби Никола Војминовски, а Кире Георгиевски и Александар Јаневски-Тошта добија по 13 години затвор. По десет години и шест месеци затворски казни добија Андреј Мицов, Николче Димитриевски, Оливер Ошавковски и Коста Делов.

Никола Војминовски, кој се наоѓаше во куќен притвор до правосилноста на пресудата, избега и сè уште е недостапен за органите на прогонот.

За обидот за убиство на Села првично беа обвинети 10 луѓе, но Сашо Сенков беше ослободен од обвинение, а обвинението за Стојан Павлевски и Цејо Ѓорѓиевски беше преиначено во насилство, па по признавањето вина, беа осудени на три, односно една година и два месеца затвор.