Поранешни пратеници сведочеа за „27 април“

103
Фото: Архива

Собраниската седница на 27 април 2017 година, по барање на СДСМ, била закажена да продолжи на следниот ден, изјави сведокот Стојан Миланов на судењето за организаторите на настаните од 27 април. Заменик-претседавачот на тогашната седница истакна и дека барањето било прифатено од претседавачот Трајко Вељаноски, сега обвинет како еден од организаторите на насилните настани во парламентот. 

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, пак, пред судот истакна дека само еднаш присуствувал на протестите организирани од „За Заедничка Македонија”.

Беше предвидено како сведок, денеска, да се појави и актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, но тој ќе сведочи на некое од наредните рочишта поради неговите дневни обврски.

Обвинети за „27 април“ се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Предметот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.