„Попис“, „Моќник“ и „Актор“ се новите истраги на СЈО

238
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Специјалното јавно обвинителство објави три нови истраги против 25 физички и четири правни лица за кривични дела злоупотреба на службена должност, измама и перење пари. Ова на вчерашната прес-конференција го истакна специјалната обвинителка Фатиме Фетаи. Првата истрага се води под името „Попис“ против претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети, кои се осомничени дека во октомври 2011 година искористувајќи ги своите овластувања како претседатели на политички партии се договориле да го стопираат пописот на населението и да ги скријат неповолните факти за демографската структура на населението. Со тоа му нанеле штета на буџетот во износ од 175.123.909 денари.

– Постои основано сомнение дека со намера како владејачка коалиција да го скријат фактот дека немаат политички капацитет за да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во РМ, како и да ги скријат неповолните факти за демографската и економска состојба на населението во државата, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население во Република Македонија, го стопирале пописот – изјави Фетаи.

За да ја избегнат одговорноста, за која како што посочи Фетаи од разговорите се покажува дека биле свесни, се договориле причините за стопирање на пописот во јавноста да ги презентираат како проблеми од технички карактер и некадарност на Државната пописна комисија.

– Едноставно, осомничените сфатиле дека со законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на тогаш владејачките ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и со тоа и на нив самите како лидери на овие партии, па водејќи се од лични интереси и задржување на моќта во општеството одлучиле дотогаш потрошените парични средства условно кажано да ги фрлат во вода. На тој начин го оштетиле буџетот во износ од 175.123.909 денари – рече Фетаи.

Вториот случај за кој СЈО отвори истражна постапка е насловен „Моќник“ и се однесува за пратеник што бил многу влијателен во времето кога се случил настанот, неговиот татко и тогашниот градоначалник на општината Македонски Брод. Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, пратеникот го навел градоначалникот да го изманипулира Советот на општината Македонски Брод и на неговиот татко да му го продаде објектот во селото Ижиште, во кое била сместена општината Пласница и бил сопственост на Република Македонија. Тој ги изманипулирал советниците и им рекол дека му е даден на 30-годишна концесија на таткото на пратеникот и дека сака да отвори таму приватен бизнис.

За продажба на објектот било организирано јавно наддавање, кое градоначалникот не го објавил во „Службен весник“ и единствено на него се јавил таткото на пратеникот, кој го купил објектот за 670 денари повеќе од почетната цена. Потоа со измама во катастар успеал да го внесе објектот на свое име, а му било продадено и државно земјиште по цена од 100 денари за квадратен метар иако пазарната цена изнесувала 400 денари. На тој начин се стекнал со противправна имотна вредност од милион 795.800 денари, како и милион 176.000 денари за купување на земјиштето. Кога разбрал градоначалникот на општината Пласница, Исмаил Јајовски дека е продаден објектот во кој е сместена општината побарал од Владата да ја испита ситуацијата и комисија утврдила дека се направени многу пропусти при продажбата и дека општината продала имот што е на државата. За да му се одмазди на градоначалникот Јајовски, пратеникот му праќал инспекции во неговата компанија „Пуцко петрол“, а судијата што го судел случајот го лустрирал и му било забрането да ја врши дејноста. За ова дело вкупно се товарат 13 лица.

Третиот случај е наречен „Актор“ и се однесува за фаворизирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопат Демир Капија – Смоквица иако, како што кажа Фетаи, подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“. Тогашниот премиер му наложил на тогашниот министер за транспорт и врски да ја елиминира италијанската компанија бидејќи, како што рекол, неа во Македонија ја застапуваат комуњари и да ја даде изведбата на автопатот на грчки „Актор“. Министерот за транспорт и врски им наложил на членовите од комисијата, кои вршеле евалуација да го изберат „Актор“ со што државата е оштетена со 7.811.593 евра. Покрај тоа во предметот „Актор“ има сомненија и за перење пари што се спроведувало преку четири компании, кои на своите вработени им исплаќале огромни плати по што веднаш во Неготино биле претворани во евра и им биле давани на рака на Грците. На овој начин се испрани 31 милион 856.811 евра во период од 2012 до 2016 година. Предмет на истрага ќе бидат десет физички лица и четири правни лица. Ц.Х.


СЈО го презема „Монструм“

Специјалното јавно обвинителство воспоставило надлежност за предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во април 2012 година.
– Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме подготвени за презентирање пред судот. Постапката продолжува во фазата во која се наоѓа предметот – изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Масакрот кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. За петкратното убиство кај Смилковско Езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сѐ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Фото: Маја Јаневска-Илиева