Полицијата со засилени контроли против присуство на малолетници во угостителски објекти по полноќ

69

Секторот за внатрешни работи-Струмица преку засилени контроли ќе проверува присуство на малолетници во угостителски објекти по полноќ, точење алкохолни пијалоци на малолетни лица и прегласната музика, соопштија од струмичката полиција.

– Ваквите интензивни мерки и активности се преземаат поради зголемената раздвиженост во угостителските објекти, пред се во кафулињата, на летните тераси и во дискотеките во кои, по започнување на училишниот распуст, уште позабележително ќе биде присуството на младите, посебно во вечерните часови – информираат од полицијата.

Секторот за внатрешни работи Струмица апелира до сопствениците на угостителските објекти, кафулиња, дискотеки, ноќни барови и други, да внимаваат на јачината на музиката што ја пуштаат во нивните локали. Во спротивно се соочуваат со пријави и глоба која се движи од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност и плус 200 до 500 евра за одговорното лице на компанијата. Доколку, пак, станува збор за трговец-поединец, глобата изнесува од 500 до 800 евра, доколку не преземе конкретни мерки да го спречи нарушувањето на јавниот ред и мир во неговиот објект.

– Апелираме до угостителите да не дозволуваат присуство на малолетници во угостителските објекти по полноќ, ниту да ги послужуваат со алкохолни пијалаци. За послужување алкохол на малолетници, угостителите можат да бидат и кривично гонети – се додава во соопштението на СВР Струмица.