Полицијата го бара поранешниот претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски

252

Полицијата не го пронајде поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски во неговиот дом, откако велешкиот суд издаде наредба за негово приведување. Информацијата ја потврдуваат и од МВР, од каде велат дека нивни екипи работат на лоцирање.

– МВР постапува по судска наредба за приведување на лицето В.П. и во моментот кога ќе бидат создадени услови, ќе биде лоциран и приведен – велат од МВР.

Инаку, Основниот суд во Велес му одреди триесетдневен притвор на Панчевски поради тоа што не се појавил на рочиште за главна расправа за предметот „АКМИС“.

Против Владимир Панчевски уште пред една година беше поднесен обвинителен предлог од страна на скопското обвинителство, за злоупотреба на службената положба во врска со системот за управување со судските предмети (АКМИС) во кривичниот суд.

Судењето се одложува повеќе од 9 месеци и досега не е почната ни главната расправа.

На Панчевски треба да му суди велешкиот суд, за да се избегне евентуална пристрасност бидејќи тој претходно раководеше со кривичниот суд во Скопје.