Пожарот на Добра Вода сѐ уште активен и се шири кон врвот на планината

177
Фото: Зоран Антоски

Пожарот кој претходната седмица избувна на планината Добра Вода, над селото Ќафа, сѐ уште е активен и истиот напредува кон врвот на планината. На пожарот му погодува сувото време без врнежи од дожд а дополнително го подржува ветерот и го шири на неопожарените површини.

Тешко пристапниот терен го отежнува гасењето, цистерните не можат да пријдат во близина на огненото жариште, а крај огнот моментално се наоѓаат вработените од ШС „Лопушник“.

– Пожарот кој сѐ уште е активен на планината Добра Вода над селото Ќафа, зафаќа површина од околу еден хектар , гори букова шума и сува трева. Крај опожарената површина се наоѓаат припадници на специјалната екипа на ШС „Лопушник“, кои вршат надзор на неговото ширење кон населените места и активно учествуваат во гаснењето на пожарот. Според она што може да се забележи, пожарот се шири кон врвот на планината, каде што зафаќа сува трева и нискостеблеста шума. Засега не се загрозени населените места а дождот кој се очекува деновиве да падне, секако ќе придонесе за негово гаснење и спречување од појава на нови огнени жаришта – истакнуваат од ПО на ДЗС Кичево.

Инаку според проценките на вработените од Подрачните одделенија на ЦУК и ДЗС, причина за овие пожари се луѓето, бидејќи редовно во последните неколку години на истите подрачја се појавуваат шумски пожари.