Поднесено обвинение за 18-годишникот кој уби малолетник во Ново Лисиче

245

Скопското обвинителство поднесе обвинение против 18-годишното момче А.Т. кое лани во август со нож усмрти малолетник во скопската населба Ново Лисиче. Тој е обвинет за убиство на миг, односно се товари дека го извршил убиството во афект, дека реагирал импулсивно и не бил во состојба логично да размислува и да расудува.

Убиството се случи на 14 август минатата година на булеварот Видое Смилевски – Бато, по претходна тепачка.

– Обвинетиот 18-годишник, доведен во состојба на силна раздразнетост, со умисла го лишил од живот оштетениот Никола Христовски. Имено, група од повеќе лица, во која бил и оштетениот, го пресретнала обвинетиот во близина на една бензинска пумпа и започнале да го навредуваат и физички да го напаѓаат со влечење и удари по телото. Обвинетиот започнал да бега кон зградите, а групата од околу 30 лица трчале по него, извикувајќи навреди и пцовки. Кога се доближил до влезот на една зграда обвинетиот се обидел да влезе, но не успеал. Во тој момент, прв до него стигнал оштетениот Никола Христовски, па обвинетиот доведен во состојба на силна афективна раздразливост, реагирал импулсивно и не бил во состојба логично да размислува, да расудува и да раководи со своите постапки. Тој извадил нож со сечиво од девет сантиметри и на оштетениот му задал убодна рана во десната страна на градниот кош – се наведува во соопштението на Обвинителството.

Христовски бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ каде му бил извршен хируршки зафат, но починал како резултат на крваречки шок.

Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување притворот за обвинетиот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.