Повторно одложено судењето за случувањата на 27 април

49

Судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија се одложува за 31 јануари бидејќи Апелација сѐ уште нема одговорено на сите жалби по барањата за амнестија.

Судијката Добрила Кацарска, на почетокот на денешното рочиште извести дека сѐ уште не се правосилни сите одговори по жалбите на одбиените барања за амнестија од Апелација.

– За Абдулфета Аљими била закажана јавна седница на Апелација за петок, но не се одржала и е закажана за денеска. Обвинителката Вилма Рускоска следната недела ќе биде службено отсутна и тие рочиштата се откажуваат, па следното рочиште ќе се одржи на 31 јануари – изјави Кацарска.

На обвинителна клупа остануваат петмината кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, началникот во МВР за униформирани лица Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.

Судот ги одби барањата за амнестија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

Судот на почетокот информира дека обвинети кои се во притвор не се спроведени поради економичност на постапката бидејќи денешното рочиште ќе се одложува.

На следното рочиште би требало да се изврши промена на обвинителниот акт согласно Законот за амнестија и да се започне со завршни зборови.