Петтата колона на македонскиот јазик и држава

2711
Фото: Игор Бансколиев

Отвореното писмо што лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, го испрати до претседателот на државата Стево Пендаровски ја бранува и ја вознемири јавноста. Експертите и аналитичарите во писмото на Села препознаваат јасни обиди за политичка манипулација, но и за разнебитување на државата. Македонскиот јазик е официјален јазик во нашата држава, тоа е белег на една нација и држава и за него ниту може да се дискутира, ниту да се преговара. Сепак некој си зема за право како членка на ЕУ да го спори, а уште повеќе, некој одвнатре се дрзнува да вметнува кукавичино јајце во своето гнездо…

Ставовите на лидерот на AA, Зијадин Села, како повод

Во политичката јазично-идентитетска дебата во македонско-бугарските односи, повторно активирана по обидот Бугарија да го наметне „исчезнувањето“ на македонскиот јазик и македонското малцинство во Бугарија како услов за членство на Македонија во ЕУ, (не)очекувано неодамна се вклучи и албанскиот политички фактор во Македонија.

Имено, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, со отворено писмо му се обрати на македонскиот претседател Стево Пендаровски, со крајна поента дека: „Ние (Алијанса за Албанците) ќе стоиме покрај вас за да ја известиме официјалната Софија дека има два официјални јазика во Македонија и дека нивното кодифицирање и регулирање е наша внатрешна работа, а не нивна“. Претходно во писмото, Села изразува несогласување со претседателот Пендаровски во однос на ставот дека „Македонија треба да се откаже од интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) доколку Република Бугарија го услови започнувањето на преговорите за членство на земјата во ЕУ, со барањето македонскиот јазик во официјалните документи на ЕУ да биде наведен како ’официјален јазик на Република Северна Македонија‘“.

Лидерот на Алијанса за Албанците, изразувајќи разбирање за емоционална реакција на македонскиот претседател на бугарското условување за македонскиот јазик, („зашто секој државник и човек во целата земја би бил огорчен како и вие, во случај да му се наруши националниот идентитет“), веднаш потоа македонско-бугарскиот спор го проектира на своите политички интереси. Села во своето отворено писмо обвинува дека македонската држава „го оспорува истото право на Албанците, дури и на поочигледен начин, редуктирајќи го албанскиот јазик на ’јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и кој е различен од македонскиот јазик’“.
– Врз основа на принципот „не прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе“, се надевам дека заедно со вас и другите македонски политичари со отворен ум, ќе се собереме заедно да го реализираме нашиот европски идеал и да го смениме овој ретрограден устав, за конечно албанскиот јазик да го наречеме албански јазик, напуштајќи ја логиката на еден мрачен период од историјата – му пишува Села на Пендаровски.

Писмото на Зијадин Села до македонскиот претседател Стево Пендаровски, експресно предизвика интерес и во бугарските медиуми, кои го пренесоа во целост, но засега без јавна реакција од политичките личности во Бугарија. Ваквото епистоларно-политичко вклучување на лидерот на една партија од албанскиот политички блок во Македонија во однос на нерешливите македонско-бугарски прашања, во македонската политичка јавност е оценето како злоупотреба на моментот за промовирање на сопствените политички агенди.
– Зачудувачки е политичкиот опортунизам на лидерот на една партија на Албанците во Македонија да ја искористи секоја ситуација за да ги истакне своите политички интереси и агенди. Ставањето на прашањето за статусот на албанскиот јазик во Македонија во контекст на непризнавањето и барањето за бришење на македонскиот јазик во ЕУ, од страна на Бугарија, најблаго кажано е злоупотреба на моментот.

Наместо да се препознае во државните интереси и да даде поддршка во борбата за афирмација на македонскиот јазик, како обединувачки и поврзувачки елемент во Македонија, албанскиот политички фактор повторно го дефокусира и предимензионира проблемот на својот политички интерес – вели академик Катица Ќулавкова.
Во контекст на обидот за давање „албанска димензија“ на долгогодишно отворените македонско-бугарски прашања, историчарот Тодор Чепреганов смета дека сите партии во Македонија треба да имаат консензус за прашањето за македонскиот јазик, а не да се користи тоа за остварување теснопартиски политички цели. Чепреганов ја нагласува потребата дека треба да се застане заедно против бугарските барања за укинување со директива (па таа да е и европска) на македонскиот јазик и идентитет, како услов за членство во ЕУ.

– Ние со Бугарија потпишавме договор за пријателство и соработка, кој сега се користи за уцени од бугарска страна, па со тоа договорот како да се претвора во својата опачина – договор за „непријателство и несоработка“. Ако Албанците во Македонија со свои политички уцени го саботираат правото за меѓународно признавање на македонскиот јазик, тоа би значело дека не го препознаваат заедничкиот државен интерес и влегуваат во алијансата за „непријателство и несоработка“. Албанците немаат никаков проблем со признавањето на нивниот јазик, ниту надвор, ниту во Македонија. Додека македонскиот јазик е нападнат од сите страни, па актуелното актуализирање на прашањето за албанскиот јазик во Македонија, личи на уценување за добивање политички поени – смета историчарот Тодор Чепреганов.
Согледувајќи ја крајната поента од отвореното писмо на Зијадин Села, „да се извести официјалната Софија дека има два официјални јазика во Македонија“, професорот Чепреганов заклучува дека таквиот потег може да води кон многу апсурдна позиција на македонскиот јазик во ЕУ.

– Доколку се прифатат уцените на бугарската позиција и на позициите на Села, може да се случи при приемот на Македонија во ЕУ, македонскиот јазик воопшто не биде именуван како јазик во Унијата. Во ситуација со два службени јазика во Македонија, а под претпоставка на попуштање на уцените, може да се случи јазикот на мнозинството во државата во ЕУ да биде наведен како „службен јазик според Уставот“, а албанскиот јазик да си биде правилно именуван. Таквата ситуација упатува на укинување на македонскиот јазик и идентитет со политичка одлука. А штом е политичка одлука, немате решение, туку само продолжување на проблемот – смета историчарот Тодор Чепреганов.