Петровска: Набавката на чизмите не ја направил Спасовски туку Ѓоко Поповски

719

Дополнителната заменик министерка на МВР, Славјанка Петровска се јави со реакција по обвинувањата на министерот Наќе Чулев за набавката на 3 илјади рала високи специјални чизми за полиција. Таа изјави дека таа набавка била водена од поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски, кој е осуден на затворска казна за случајот со Мерцедесот на Груевски.

– ДПМНЕ повторно си го покажува своето вистинско лице низ нивниот вообичаен манир – за сопствените пропусти, грешки и злоупотреби, да обвинува друг. Во таа насока е и последната прес конференција на техничкиот министер Чулев, кој обвини за набавката на 3000 рала високи специјални чизми за полиција – се вели во реакцијата на МВР.

Чулев во обид да обвини за наводен криминал, прочита текст во кој намерно беа скриени реални факти. Министерството за внатрешни работи е должно да ги прибере сите потребни информации за одреден настан и за тоа да ја информира јавноста во целост, прецизно, квалитетно и навремено. 

– Постапката за спроведување на оваа набавка била водена од поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски. Во истиот тој период била донесена одлука за спроведување јавна набавка на 3000 полициски чизми во вредност од 15 милиони денари, бил објавен оглас за неа, била донесена Одлука за избор на најповолен понудувач од трите доспеани понуди и на 17.04.2016 бил склучен Договор за набавка со избраниот понудувач. Со тој договор МВР прифати права и обврски кои произлегуваат од него.

Согласно процедурата, понудувачите во јавната набавка имале обврска да достават мостра од чизми и сертификат за исполнување на техничките спецификации од набавката. Сите три понудувачи доставиле сертификати за понудените мостри, но само сертификатот на едниот понудувач целосно ги исполнувал условите од техничката спецификација, по што неговата понуда била земена предвид при евалуација во понатамошната постапка, а другите две понуди ги отфрлила како неприфатливи, по што бил и склучен Договорот за набавка на стоки.

Потоа, согласно договорот, пред испорака на стоката, МВР го искористило правото да изврши дополнителна проверка на квалитетот со правење на анализа на случајно избран примерок во независна овластена институција за контрола на квалитетот. Таква анализа е направена во Макконтрол Скопје и утврдено е дека има одредени недостатоци во поглед на бараната техничка спецификација. Поради несогласување со наодите од анализата, носителот на набавката на сопствен трошок направил нова анализа во независна лабораторија во Р. Србија и согласно сертификатот од оваа лабораторија е констатирано дека постои само една ставка која отстапува за 7% од техничката спецификација, што не влијае врз квалитетот на производот.

Бидејќи во тој временски период истекувал и рокот за испорака, како и важноста на банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот, не е продолжен ни рокот за испорака, ни важноста на банкарската гаранција. За цело тоа време стоките остануваат во магацините ангажирани од страна на носителот на набавката, без насоки од страна на договорниот орган во смисла на раскинување на договорот и враќање на стоките или барање решение за корекција на квалитетот на спорните карактеристики на чизмите.

На 14.02.2017 и 20.03.2017 година носителот на набавката повторно писмено се обратил до МВР со барање за разрешување на статусот на склучениот договор, како и постапување со стоките – Високи специјални чизми наменети за припадниците на МВР, но од страна на МВР не добил ниту одговор, ниту стоките биле примени. Притоа, во целиот овој период Ѓоко Поповски е сѐ уште помошник министер за јавни набавки.

Кое раководство молчело, господине Чулев? Партиските војници под чија диригентска палка, потфрлиле? Секако, не на Спасовски!
Тогашниот министер Спасовски беше доведен во ситуација да изнајде разрешница на овој гродиев јазол сплеткан од вашата партија. Притоа, имаше две можни опции:
1.Да го раскине договорот и притоа, да плати судски трошоци, трошоците на понудувачот кон банката од која земал кредит во износ од 14, 8 милиони, трошоците за чување на 3000 рала чизми во некој изнајмен магацин и сите камати во износ од 2,6 милиони денари.
2.Да го земе предвид сертификатот кој понудувачот го доставил дека во целост ги исполнува бараните елементи од техничката спецификација на МВР, да изврши избор и покрај занемарливите недостатоци во поглед на квалитет и по 11 години, на полициските службеници да им обезбеди чизми, односно да ја прекине суровата традиција сами да си купуваат облека за извршување на работни задачи.

За каква злоупотреба зборувате, г-дине Чулев?! Тогашниот министер Спасовски ја донел единствената можна и законска одлука, со што ги елиминирал сите непринципиелни и непрофеиоснални игри на МВР во односот кон економските оператори и го заштитил министерството и државата од ситуација во која ќе отплаќа милионски суми за казни поради незаконското работење на партиските војници на ДПМНЕ во МВР и воедно да го започне процесот на подигање на стандардот и подобрување на социоекономската положба на полициските службеници.

Господине Чулев, секој носител на јавна функција треба да биде свесен за сопствената лична и политичка одговорност за начинот на кој ја извршува функцијата. Помина времето на непрофесионализам, лажни вести, половични информации и злоупотреби во Министерството. Вие како технички министер имате обврски пред сите граѓани, а не само пред вашите ментори во политичката партија која му нанесе огромни штети на министерството, за што веќе има и правосилни пресуди.

Во интерес на вистината и соочување со аргументите, а со цел граѓаните да бидат запознаени со реалноста, го охрабрувам министерот Чулев да ја прифати поканата за ТВ дуел, која ни беше упатена на двајцата. На тоа соочување ќе ги отвориме сите прашања кои му се нејасни, и за кои нецелосно и неточно ја информира јавноста – се наведува во реакцијата на Петровска.