Панчевски се соочи со експертот кој го одржувал системот АКМИС

352

Со сведочењето на Горан Митев, вработен во компанијата која го развивала и одржувала системот АКМИС за распределба и водење на судски предмети, продолжи судењето на поранешниот претседател на Кривичен суд Владимир Панчевски, пренесуваат повеќе медиуми.

На рочиштето во Основниот суд во Велес, Митев истакна дека компјутерскиот систем имал можност и за рачна распределба на предметите, доколку во одреден момент немало дежурен судија. 

Според сведокот, Панчевски барал дополнително усовршување на системот, поради недостиг на критериуми за распределба на одредени предмети. Сведокот посочил и дека предмет можел да се распредели како итен со одлука на претседателот на судот.

Панчевски треба да одговара за злоупотреби на системот АКМИС. Откако Панчевски не се појави на рочиштето закажано за 10 јули, судијата му одреди притвор и беше распишана потерница по него. По пет дена Панчевски сам се пријави во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.