Охридско Езеро како коридор за недозволена трговија и шверц

Фото: Игор Бансколиев

Со години Охридско Езеро од страна на некои граѓани од двете страни на границата се користи за нелегални инкриминирани активности. Тоа е релативно лесна премостлива водна „препрека“, некогаш под превезот на временските услови уште полесна, потоа лесно може да се избегне контрола, а понекогаш шверцерите лесно можат да се ослободат од инкриминираниот „товар“ што го транспортираат преку границата. И последниот случај со запленетите наркотични средства оди во прилог на тезата дека за Охридско Езеро е неопходен посебен, уште построг режим на гранична контрола

Искуството од областа на безбедноста и сигурноста покажува дека „Македонија е неодминлив дел од регионот од трасата за шверц, не само на дрога туку и на цигари, храна, икони, риба, па и мигранти“. Актуелната состојба со коронавирусот дополнително им ја олеснува работата на шверцерите, кои инвентивно наоѓаат голем број начини за успешно да пренесат дрога од едно на друго место.
Охридско Езеро е погодно за шверцување бидејќи, за жал, заштитата и контролата на водната граница со Албанија не е таква каква што треба да биде. Со години езерото е искористувано за да им носи огромна заработка на шверцерите. Лесно е за транспорт на производите што се шверцуваат, лесно може да се избегне контрола, а мирната вода дополнително им ја олеснува работата на криминалците.
Неодамна македонските власти открија и фатија шверц на 100 килограми марихуана во кајче на брегот на Охридско Езеро во близината на регионалниот пат Охрид – Струга. Дрогата била пронајдена во акција на Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија – Регионален центар за гранични работи – Запад, при Бирото за јавна безбедност, која била координирана со Основното јавно обвинителство – Струга, по претходно преземени мерки и активности. Увидната екипа извршила увид на местото, а Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции“, информираа од Секторот за внатрешни работи – Охрид.

Македонско-албанските криминалци здружено соработуваат

Ова не е прв случај на шверц преку македонскиот бисер. Пограничните населени места се честа цел за шверцерите. Регионот блиску до познатото рибарско село Радожда на пример, уште поточно селата Франгово и Радолишта, кои гравитираат кон граничниот премин Ќафасан, кои се исклучително блиску до границата со Албанија, и според погодната релјефна конфигурација на теренот на граничната планина Јабланица во атарот на последниве две села, често е спомнувана како локација за шверц. Пред три години, 39 килограми марихуана исто така беа пронајдени од страна на македонската полиција. Четири лица од земјава и од Албанија заработија кривични пријави поради шверц на дрога преку Охридско Езеро.
Друга ваква криминална група во 2017 година беше разбиена од страна на полицијата, бидејќи преку езерото успеала да внесе во земјава поголеми количества марихуана. Тие ја купиле марихуаната од селото Поградец, додека еден од албанските државјани бил задолжен да ја пренесе дрогата по воден пат во струшкото село Калишта. Во селото македонските Албанци требало да ја препакуваат и да ја продаваат дрогата. Полицијата успешно ја спречи оваа мрежа фаќајќи го сторителот за време на транспортот на дрогата.

Не се шверцува само марихуана

Дрогата не е единственото нешто што се шверцува преку Охридско Езеро. Рибниот фонд во езерото постојано трпи како резултат на нелегалниот риболов. Граничната полиција доста често затекнуваат кајчиња од Албанија, кои нелегално ја минуваат водната граница и незаконски ловат риба. Исто така честопати се запленуваат и рибарски мрежи оставени од рибарите. Езерото се користи и за шверц на украдени икони од пограничните населени места, но и за кражба на кајчиња закотвени во езерото. Преку езерото е познат и транспортот на шверцувана охридска пастрмка, но на тоа веќе никој не обрнува внимание, тоа се смета за нормална прекугранична размена.
Пред десетина години, шверцери од Албанија се обиделе преку езерото да шверцуваат кафе. Оваа акција, пак, беше спроведена од страна на албанската полиција, која успешно спречила 1,5 тон кафе да биде нелегално внесен во земјава. Албанската полиција ги открила во близината на градот Лин кај Поградец, додека вршеле растовар на кафето. Во моментот кога ја виделе полицијата што доаѓала кон нив, тие го оставиле кафето и се разбегале. Бил идентификуван еден од сторителите, а според тамошните власти, шверцерите од Албанија, имале свои соработници и во Македонија.

Познато е дека од Албанија во Македонија и преку копнените гранични премини, особено кај Ќафасан, близу Струга, во повеќе наврати е пронајдена и запленета марихуана во големи количества, во комбиња и камиони. Албанските криминалци се вбројуваат меѓу најголемите производители на марихуана во Европа. Албанската полиција во неколку случаи преземаше сериозни акции да ги уништи полињата со канабис на што бандите даваа силен отпор, често и оружен.

Што треба приоритетно да се стори

Како држава потребно ни е да ја подигнеме на многу повисоко ниво безбедноста на границата што минува по Охридско Езеро. Со тоа не само што ќе се зголеми чувството на безбедност на жителите во близината на границата, кои со години тврдат дека се жртви на разен криминал поради лесното прекугранично нелегално минување на поединци и групи, туку и стапката на криминалитет генерално ќе се намали, вклучувајќи ги и разбојништвата, кражбите и „традиционалното качаштво“, односно влегување на вооружени групи од соседна Албанија, кои го девастираат недвижниот имот на нашите граѓани што се на привремена работа во странство.
Во секој случај, мерки и активности за обезбедување на езерото недостигаат. И тоа од наједноставните, како што е обележувањето на границата во Охридско Езеро со т.н. пливки, па до софистицирани електронски уреди за следење на состојбата на пловните објекти. Само на тој начин ќе имаме успешност во воспоставувањето функционална држава што е и приоритет на сите досегашни влади, а тоа е забелешка и од меѓународната заедница.


СВР-Охрид: Работиме сѐ понапорно на сузбивање на прекуезерскиот криминал

Од Секторот за внатрешни работи – Охрид информираат дека во координација со полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ – регионален центар Запад и Државниот инспекторат за земјоделство, преземаат интензивни контроли за сузбивање казнени дела поврзани со незаконит риболов во Охридско Езеро, со други дела спротивни со Законот за рибарство и аквакултура, како и со мерки за сузбивање прекуграничен криминал преку Охридско Езеро, како што се спречување шверц на наркотични средства, риба и друг вид акцизна стока.
– За успешно сузбивање на казнените дела поврзани со незаконит риболов и прекуграничниот криминал, СВР-Охрид ќе продолжи со акциски контроли заедно со полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ – регионален центар Запад и со другите организациони единици на МВР, со Државниот инспекторат за земјоделство, како и со други надлежни органи и институции – информираат оттаму.
Портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски, информира дека целта на акциските контроли што СВР-Охрид ги реализира во крајезерскиот појас, а езерската полиција во вода односно по целата должина на езерската гранична линија, но и во преостанатиот дел од територијалните води на езерскиот басен, е откривање сторители на казнени дела и заштита на рибниот фонд во езерото и спречување на нелегалната трговија.

– Од почетокот на оваа година, на охридско-струшкото крајбрежје, реализирани се над 80 акциски контроли во кои се затекнати повеќе лица при вршење незаконит риболов од кои тројца се приведени, пронајдени и одземени се околу 300 парчиња разновидна риба со вкупна тежина од над 122 килограми. Притоа, одземени се околу 220 рибарски мрежи во вкупна должина од околу 23.000 метри, неколку метални чамци, како и друга разновидна рибарска опрема. Сторителите се македонски државјани, но во изминатиот период се регистрирани случаи кога во македонските територијални води се затекнати албански државјани во нелегален риболов – вели тој.

Според него, дел од сторителите на казненото дело „незаконит риболов“, полициските службеници на СВР-Охрид ги затекнуваат во момент кога пристигнуваат на брегот на езерото поточно во крајезерскиот појас, а дел кога вршат транспорт на уловената риба во автомобил, а има и такви што кога ќе ги забележат полициските службеници го фрлаат уловот од разновидна риба и бегаат.

– Често рибокрадците што се затекнати во водите на Охридско Езеро ги фрлаат мрежите во водата и се обидуваат со рибарскиот чамец да избегаат. Има и сторители што се затекнати во „незаконит риболов“ користејќи подводна пушка-харпун. Уловената риба, мрежите и другиот пронајден риболовен алат и опрема, се одземени, а против сторителите се поднесени соодветни пријави – заклучува Димоски.

[email protected]