Отровот „ланате“ усмрти кучиња во Охрид, по труењето во Струга?

212
Фото: Илустрација

Кучиња скитници во петокот попладне, наводно, настрадаа од отровот „ланате“ кој бил расфрлан во градскиот парк во Охрид, а потоа разнесен и на плоштадот, според сомнежите на активистите за заштита на животните. Минатиот месец имаше слична ситуација на труење на кучиња и во Струга, каде што покрај скитниците настрадаа и домашни миленици. 

Труењето на кучињата наиде на силна осуда од охриѓани, но и од здружението „Анималија“. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, вели дека ваквата постапка е обид да се наруши неговиот углед и угледот на градот, со намера да соберат политички поени. Чинот на труење јавно го осуди и неговиот заменик, со ветување дека општината ќе се заложи да го пушти во работа стационарот на Мауцкер во најскоро време.

Проблемот со кучињата скитници во Охрид, исто како и во другите градови на Македонија, е присутен со децении, а несовесните граѓани продолжуваат со нивно труење. Иако стационарот е делумно решение за проблемот, тој не може да проработи поради воведениот мораториум, но и поради тоа што не е издадена соодветната дозвола потребна за неговата активација.

Ваков случај имаше минатиот месец и во Струга, каде отруени кучиња беа пронајдени на повеќе локации низ градот, во случајот што ги вознемири тамошните граѓани кои информираа за случувањата. Дел од стружани кои ги однеле кучињата на ветеринар добиле одговор дека тие се отруени со отровот „ланате“. 

Отровот „ланате“ всушност е пестицидот „метомил“, од кој еден грам може да убие возрасен човек за половина час. Тој нема мирис, ниту вкус. Отровот ги разјадува органите, а кучињата умираат во страшни маки.

Според очевидците, стружани биле принудени сами да ги тргаат од улица лешевите на отруените кучиња, кои умирале во маки, со пена на устата.