Откриени 38 мигранти кај Демир Капија

826

Полицијата во камион пред тунелите кај Демир Капија вчера открила 38 мигранти, од кои 35 од Пакистан и тројца од Индија.

Мигрантите биле откриени вчера изутрина околу 4:30 часот од страна на полициски патролен тим од полициските станици за Михајлово и Неготино, на регионалниот пат Гевгелија-Скопје, во товарно моторно возило марка „Форд Транзит“ во близина на базата на „Актор“ пред тунелите кај Демир Капија.

МВР соопшти дека откако полициските службеници го забележале товарното возило со велешки регистарски таблички во близина на местото викано „Арсови лаки“ и дале знак за запирање, возачот не запрел туку продолжил да се движи кон тунелите кај Демир Капија.

Полициската патрола поради сомневање се упатила по товарното возило и по извесно време возилото е пронајдено, оставено и без возач, со мигрантите сместени во товарниот дел од комбето. Констатирано е дека возилото имало лажни регистарски таблички.

Со мигрантите кои биле на возраст од 17 до 41 година извршен е разговор, при што е констатирано дека тие илегално пеш влегле во Република Македонија од Република Грција во текот на претходната ноќ, со помош на лица, исто така, мигранти и дека биле со намера илегално да транзитираат преку Македонија и Србија, до западноевроските земји. За тоа поединечно платиле околу 4.000 евра. Набрзо по влезот во земјава во близина на македонско-грчката граница се качиле во товарното возило.

За настанот е известен дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство на Република Македонија – за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција Скопје.

Се работи на целосно расчистување на случајот и откривање на инволвираните лица.