Отворена постапка за неовластено снимање на разговорот на Павле Богоевски

233
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопската полиција до основното јавно обвинителство Скопје достави известување кон кое е приложен Записник за примена кривична пријава со кој пратеникот Павле Богоевски пријавил непознат сторител на кривично дело – Неовластено прислушување и тонско снимање.

Како што информираат од Обвинителството, според наводите во пријавата на Богоевски, на неодреден датум во периодот од март до мај 2019 година, додека се превезувал со такси возило и разговарал на мобилен телефон, тој неовластено бил сниман од возачот.

Разговорот потоа бил објавен на „Јутјуб“ профилот Бомби 2019 како и на руската социјална мрежа „vkontakte“.

По приемот на ова известување од страна на надлежен јавен обвинител било изготвено барање за доставување податоци до „Јутјуб“ кои се однесуваат на комплетни логови за наведениот профил, ИП адреси користени за пристапување и најавување на тој профил, како и ИП адреса од која е креиран профилот.

Воедно до МВР е доставена Наредба за да бидат направени проверки околу утврдување на идентитетот на таксистот кој наводно извршил снимање на разговорот, да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана наркотична дрога и за кое лице била нарачувана.

Министерството за внатрешни работи преку меѓународните инструменти кои ги користи ќе треба да направи проверки и за тоа кој е сопственик на профилот на руската социјална мрежа „vkontakte“.

По направените проверки, доколку се утврди идентитетот на сторители на кривични дела и се обезбедат законити докази, МВР треба да поднесе кривична пријава до Обвинителството.