Со конфискуваниот имот на фирмата „Финзи ДООЕЛ Скопје“ од која УБК преку ексдиректорот Сашо Мијалков набавувала опрема, ќе се надоместува дел од штетата нанесена врз буџетот на Македонија.

Бидејќи штетата е поголема од конфискуваниот имот, обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Небојша Стајковиќ ќе треба во рок од три месеци по правосилноста на пресудата, да ја надоместат.

Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

– Од ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје се конфискуваат парични средства од 838.106 денари и од девизна сметка во износ од 145.619 евра. Двете сметки се во Охридска банка. Од правното лице се конфискува патничко моторно возило марка „ауди А4“, со проценета вредност од 1.026.285 денари. Се задолжуваат обвинетите, солидарно да ја надоместат штетата на буџетот на Македонија, во износ од 21.158.296 денари, се во рок од три месеци по правосилната пресуда. Обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Тони Јакимовски се задолжуваат солидарно да ја надоместат штетата на буџетот на Македонија во износ од 16.012.520 денари во рок од три месеци од правосилноста на пресудата. Судот појаснува дека по однос на точка 1 на диспозитивот на пресудата, со преземените дејствија за правното лице ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје која надминува вкупен износ од 26.568.276 денари за кои износ нанеле штета на буџетот на Македонија. Конфискуван е имот на ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје во износ од 10.819.959 денари. Разликата од 1.158.296 денари ги задолжи обвинетите солидарно да ја надоместат штетата на буџетот на Македонија, по однос на точка 1 од диспозитивот на оваа пресуда. По однос на точка 2, обвинетите, со преземените дејствија прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност од 21.422.500 денари. За разликата од половина од конфискуваниот имот, ги задолжи обвинетите да надоместат штета на буџетот – рече судијката Џенета Бектовиќ.

Инаку, првообвинетиот и ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков е осуден на осум години казна затвор во случајот „Трезор“. Во отсуство поради неговото бегство, пресуда е донесена и за поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски кој доби 15 години затвор. На второобвинетиот, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, изречена му е казна затвор од пет години. На поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, судот му изрече затвор во траење од пет години.