Осомничениот за убиството на Никола Саздовски екстрадиран од Германија

314

Третоосомничениот Јетон Љужа во случајот за убиството на Никола Саздовски-Саздо, e екстрадиран од Германија, соопшти МВР. За Љужа беше распишана меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје.

– Денеска од Германија во Република Северна Македонија е екстрадиран Ј.Љ. (21) од Скопје, осомничен дека сторил кривично дело „убиство“ односно на 29.6.2018 околу 17.35 часот во Скопје заедно со Б.Б. и С.Д. го нападнале Н.С., кој починал од нанесените повреди – се наведува во соопштението.

Кривичниот суд ги осуди Бесир Беља и Скендер Демири на 19 години затвор за убиство на 20-годишниот Саздо. Според Кривичниот суд, обвинетите кои дејствувале заедно се виновни затоа што на свиреп начин го лишиле од живот Никола Саздовски.

Тие на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со тупаници во пределот на главата и градите.