Од храна затруени 16 штипски сватови

691

Шеснаесет лица од Штип, меѓу кои и едно дете, се хоспитализирани на Инфективното Одделение во штипската Клиничка болница, откако се затруле од храна. Станува збор за лица кои биле на три различни свадби, но во истиот угостителски објект. Според лекарите првите пациенти почнале да пристигнуваат минатата недела, по што продолжиле и во текот на наредните денови.

– Во неделата на Инфективното одделение јавени се неколку пациенти со симптоми на повраќање, проливи, малксаност, грчеви во стомакот, а истите се задржани во болницата. Наредните денови, исто така, три до четири пациенти се јавувале на Инфективното одделение со истите симптоми. До вчера нивниот број изнесува 16 пациенти, меѓу нив е и едно дете со истите симптоми и тоа е задржано на одделението, вели Марина Шуманска, портпарол на Клиничка болница-Штип.

Според направените анализи, кај 13 пациенти е констатирано дека причина за симптомите била салмонела.

Ова не е првпат во источниот регион да има колективно труење од храна. Првиот случај беше во една штипска фабрика, а вториот во рудникот Злетово во Пробиштип.