Одложено судењето за „Талир 2“

249

Судењето за предметот „Талир 2“ на СЈО, судијката Даниела Алексова Стојановска го одложи за 15 октомври. Причина за одлагањето е доуредување на полномоштвата на адвокатите на обвинетите.

Претходно адвокатите на Никола Груевски и на Кирил Божиновски побараа судењето да биде одложено. Една од причините за одлагање е и што Божиновски усно го ангажира адвокатот Стерјо Зиков, на кој му требало време да го проучи предметот.

Обвинителката Ленче Ристоска побара за следното рочиште да биде повикан претставник на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи има мерки за обезбедување имот.

Во „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Според обвинението, тие ја злоупотреиле службената положба и му овозможиле на ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.