Одложена затворската казна за Јанкулоска

624

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска добила одложување на извршувањето на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО. Судот информира дека судија за извршување санкции ѝ одобрил одложување на санкцијата до први јули.

– Што се однесува до пресудата на Апелациониот суд со која делумно се уважува жалбата на Г.Ј. на начин што се преиначува само во делот на казната, истата веднаш е распоредена кај судија за извршување санкции, кој постапувајќи по барање на обвинетата донесе решение со кое се одобрува одложување на извршувањето на санкцијата до први јули 2019 година заради чување на дете – соопшти судот.

Апелациониот суд во Скопје делумно ги уважи жалбите на обвинетата Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“ на начин што ја преиначи првостепената пресуда во делот на одлуката за казната и обвинетата ја осуди на казна затвор во траење од четири години.

Судијката Добрила Кацарска ја осуди поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“ во одвоената постапка за случајот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство.