Одбраната побара повлекување на обвинението против Јанакиески за „Насилство во Центар”

86

Адвокатот Димитар Дангов во завршните зборови посочи дека обвинението против Миле Јанакиески за „Насилство во Центар“ треба да биде повлечено од Обвинителството бидејќи не постојат докази кои покажуваат дека сторил кривично дело. Но, и во случај тоа да не го сторат, според него, ќе треба судот да донесе ослободителна пресуда.

Еленко Миланов, кој исто така го застапува Јанакиески пред судот, тврди дека ако неговиот клиент бил близок соработник на Груевски како што тврдат обвинителите, немало да биде прислушуван.

– Судија, како ќе го обвините за нешто што не се случило? Тој е татко на три деца, не е инволвиран во било какво насилство. Тој не бил близок соработник на Груевски. Да бил, нема да има 80.000 прислушувани разговори и 100.000 СМС пораки за него – посочи адвокатот Миланов.

Адвокатот Дангов му порача на судијата Душко Јосифовски дека не може судска одлука да се темели на исказ од осудено лице, без да постојат други докази. Тој ја оспоруваше и снимката од „бомбите“ која е разговор меѓу Јанакиески и Никола Груевски, тврдејќи дека треба да се вештачи оригиналот.

На претходното рочиште поради изменетото обвинение, дел од обвинетите бараа предметот да се врати во доказна постапка, но тоа, не го дозволи судијата Душко Јосифовски.