Одбиено барањето за изземање на Јанева

49

Поднесеното барање од адвокатите на Никола Груевски за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е одбиено како недозволено, имајќи ги предвид одредбите од ЗКП и од Законот за СЈО.

Претседателката на судечкиот совет на Апелацискиот суд Цветанка Периќ рече дека бидејќи барањето за изземање е одбиено, не постојат пречки за продолжување на јавната седница за жалбата на првостепената пресуда за Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.

На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.

Пред судот има полициско обезбедување, а има и граѓани кои протестираат.

За случајот „Тенк“, односно за набавката на лускузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.

Во Кривичниот суд во Скопје за „Тенк“ се води и раздвоена постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.