Одбиена молбата на Груевски за одлагање на затворската казна

588

Судија за извршување санкции при Кривичниот суд ја одби молбата на поранешниот премиер Никола Груевски за одлагање на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во предметот на СЈО „Тенк“.

– Судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата- се наведува во соопштението од Кривичен суд.

Ова решение на судијата за извршување санкции е испратено на странките во постапката кои
имаат право на жалба до Кривичниот совет во рок од три дена.

Двете причини на кои се повикува Груевски се обврските што ги има како пратеник пред се поради актуелните процеси во Собранието поврзани со уставните измени. Втората причина е поврзана со докторатот кој го одбрани летоска односно врз основа на докторската теза да напише книга.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ најдоцна до 8 ноември треба да се јави на издржување на двегодишната казна затвор за случајот „Тенк“ односно набавката на луксузниот мерцедес.

Кривичниот суд Скопје на 23 мај година за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра го осуди првообвинетиот Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото на две години затвор. Двајцата потоа поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд Скопје.

Апелација на 5 октомври како неоснована ја одби жалбата на Груевски и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.

Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.

Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.