(Обновено): Повредените војници се со рани и скршеници на нозете

204

Двајца припадници на АРМ од тетовската касарна се ранети при чистење на оружје рано претпладнево,а поради сериозноста на повредите по првичната интервенција во Тетово се префрлени на Клиничкиот центар во Скопје. Од канцеларијата за односи со јавноста при Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ) соопштија дека станува збор за двајцата професионални војници на АРМ. Инцидентот се случил околу 9 часот и 55 минути во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово.

– Според првичните информации, при чистење на оружје „митралез“ испукан е еден куршум, при што со прострелни рани во надколеница и подколеница се повредени професионалните војници Мирослав Јовановски и Вели Шабани. Веднаш по настанот, тие се пренесени во Јавната Здравствена Установа во Тетово од каде се утврдени фрактури на коски и по првично санирање на повредите се префрлени на хируршка интервенција во Клиничкиот Центар Скопје. Двајцата војници се во стабилна состојба, надвор од животна опасност. Надлежните органи од МВР и АРМ работат на целосно расчистување на случајот. За резултатите од истрагата јавноста дополнително ќе биде известена – се вели во официјалното соопштение од Армијата.

Доктор Фатмир Салију од тетовската болница информира дека војниците биле со прострелна рана и искршеници на екстремитетите и заради тоа се префрлени во скопските клиники.

– Во нашата хирушка амбуланта беа донесени двајцата повредени. Со скопетални рани, повредени во регијата на левата потколеница и левата надколеница на вториот. Поради нивната шокова состојба бевме принудени да ги внесеме во сала да се стабилизира нивната општа состојба. Успеавме да го запреме крварењето и да ги мобилизиравме екстремитетите на повредените. Не се во животно загрозувачка состојба – рече докторот од тетовската болница.

Тие се во стабилна здравствена состојба, според директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Илир Хасани, кој рече дека во моментов на војниците им се прават потребните испитувања и снимања на Клиниката за радиологија. Посочи дека попладне најверојатно ќе им биде извршен оперативен зафат.