Обвинителство бара да му се активира условната пресуда на градоначалникот на Ново Село

230

Основното јавно обвинителство од Струмица бара градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, да се упати на издржување на казна затвор од две години за кривично дело за кое бил осуден во 2015 година.

Барањето на струмичкото Обвинителство е доставено до Основниот суд во Струмица, а оттаму информираат дека по него ќе одлучува кривичен совет.

Градоначалникот на Ново Село е осуден за кривично дело „проневера во службата“ сторено во 2010 година. Во 2015 година бил осуден на условна затворска казна од две години, доколку не повтори дело во наредните четири години. За стореното кривично дело условната казна истекува на 30 април следната година.

Боро Стојчев на 10 јули годинава беше фатен во обид за шверц на цигари. За ова кривично дело Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор во траење од 18 месеци, По жалбата на одбраната Апелацискиот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор.