Обвинителството ќе утврдува како документи од „Рекет“ протекле во јавноста

450
Фото: Игор Бансколиев

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“ и најави дека ќе утврдува како тие протекле во јавноста.

Претдходно денеска, дел од медиумите објавија изјава за кој тврдат дека ја дал бизнисменот Орце Камчев покренувајќи кривична пријава за случајот „Рекет“, а се однесува на тоа кој сѐ бил замешан во рекетирањето. Од Обвинителството по тој повод велат дека освен како моментална сензација, ваквите објави не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел.

– Од започнување на истражната постапка, водејќи се од големиот интерес на јавноста, обвинителството секојдневно настојува во рамките на можностите да сподели детали што нема да наштетат на истрагата, а на јавноста ќе и овозможат да има реална слика за текот на постапката. Во таа насока, имајќи ја предвид сензитивноста на предметот, во неколку наврати укажуваме дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни – велат од Обвинителството.

Тие не ги коментираат информациите изнесени во јавноста, но потенцираат дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело.

Со протекување на ваков вид документи, додаваат од Обвинителството, се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката.

– Во интерес на понатамошното непречено спроведување на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите – додаваат од ОЈО.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница.