Обвинителството побара притвор за двајцата насилници од Штип

169

Основното јавно обвинителство во Штип денеска поднесе предлог за определување притвор за двајцата насилници кој тепаа девојче во зграда во Штип, а видеото од настанот беше објавено на социјалните мрежи.

– Побаран е притвор за две лица, жители на Штип на возраст од 23 и 26 години, за кои постои основано сомнение дека го сториле кривичното дело – насилство“, соопшти Обвинителството.

Според информациите од таму, осомничените во текот на јануари оваа година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејствија кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.

– Во насока на обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка, како и поради постоење на околности кои укажуваат дека осомничените ќе го повторат кривичното дело, обвинителството го достави предлогот за определување притвор за двајцата осомничени – соопшти Обвинителството.