Обвинителството бара притвор за Емил Јакимовски

145

По речиси 20-часовен распит во полициска станица, Oбвинителството бара притвор за Емил Јакимовски, поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен вработен во Централниот регистар.

Јакимовски периодов им се закануваше и ги навредуваше новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, многупати бил пријавуван за семејно насилство, а доби и други поплаки за навреди и закани на социјалните мрежи. Поплаки против него има поднесено и директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска – Јанковски.

– Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за сторени кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 (при вршење семејно насилство), Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 (по пат на информатички систем), како и Неизвршување на судска одлука од член 377 став 5. Ценејќи ги сите околности во предметот, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот – се вели во соопштението на ОЈО.

За Јакимовски веќе има една правосилна судска пресуда за семејно насилство. Тој е условно осуден, односно ако го повтори делото во наредните 3 години, ќе треба да одлежи една година затвор. Јакимовски беше уапсен вчера поради непочитување на мерките предвидени во пресудата и помина 20 часа во полициска станица, а потоа беше однесен во Oбвинителството кое побара притвор.Тој сега е изнесен пред судија на претходна постапка Васил Димковски во Кривичниот суд, кој треба да одлучи дали ќе му одреди притвор.