Обвинителството бара притвор за возачот кој усмрти полицаец

94

Кумановското јавно обвинителство побара притвор за возачот кој е осомничен дека усмрти полицаец. За настанот е отворена истрага, а возачот е осомничен за кривичните дела- тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

– На 21 април, на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, патничко моторно возило управувано од осомничениот удрило во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите на самото место еден од полициските службеници починал, а другиот се здобил со телесни повреди. Возачот потоа продолжувајќи со управувањето со возилото удрил во друго патничко моторно возило во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и осомничениот се здобил со телесни повреди, соопштија од обвинителството.

Претходно од обвинителството соопштија дека осомничениот бил под дејство на алкохол.