Обвинителката побара преквалификација и помала казна за Заев

3158

Обвинителката Валентина Бислимовска денеска во Кривичниот суд во завршните зборови за предметот „Поткуп“ побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп.

Обвинителката за ова кривично дело побара од судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор. Казната, пак, за делото примање поткуп е најмалку пет години затвор.

Бислимовска, претходно, рече дека од сите изведени докази во главната расправа не произлезе дека обвинетиот Зоран Заев прибавил каква било имотна корист. И сведокот Иван Николов кажал дека не дал пари и дека Заев не примил поткуп. Обвинителката кажа дека Николов не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави пред Јавното обвинителство и во судот.

Поради неспорниот факт дека парите не се примени обвинителката рече дека треба да се изврши измена на обвинителниот акт.

По завршните зборови на обвинителката Бислимовска, судечкиот совет се повлече на пауза за да го разгледа нејзиното барање.

На денешното рочиште присуствуваат Заев и неговите адвокати. 

Доказната постапка за „Поткуп“ заврши на минатото рочиште со гледање на снимката објавена на Јутјуб. Целосната снимка, пак, поради која Зоран Заев се товари за примање поткуп, беше пуштена на претходните рочишта во судницата без присуство на јавноста. Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.

Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.