Обвинителен акт за три лица кои извршија полов напад врз дете

138

Поднесениот Обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Гостивар опфаќа три лица кои во месеците март и јули во 2018 година извршија обљуба врз дете – жртва, со што сториле кривични дела за кои е запретена затворска казна од најмалку 12 години.

-Првообвинетиот се товари за сторено кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот во март 2018 година управувајќи возило го сретнал детето и на сила го внел во возилото. Потоа го однел на запуштено место каде извршил обљуба врз детето жртва, на кое по стореното дело му дал паричен надоместок- е наведено во соопштението од ОЈО Скопје.

Второобвинетиот, како што наведуваат од ОЈО, во јули 2018 година му понудил пари на детето – жртва, по што извршил обљуба во неговата семејна куќа. Во текот на следните месеци второобвинетиот го наведувал и поттикнувал детето да остварува контакти преку социјалните мрежи со цел остварување на сексуални односи со други лица, а за тоа барал детето да наплатува и да го  известува. Поради стореното, второобвинетиот освен за Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, се товари и за сторено кривично дело Посредување во вршење проституција од член 191 став 1 од Кривичниот законик.

Третообвинетиот пак, ОЈО го гони за продолжено вршење на кривичното дело, извршил обљуба врз детето – жртва повеќепати, искористувајќи ист траен однос и иста прилика. Во Обвинителниот акт ова лице се товари за сторено продолжено кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од Член 188 став 1, а во врска со член 45 од кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар заедно со Обвинителниот акт до Основниот суд Гостивар достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетите.