Обвинение за поранешниот градоначалник​ на општина Чашка

236

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение против поранешниот градоначалник на општина Чашка за злоупотреба на службената положба и овластување. Тој е осомничен дека ја оштетил општината за над 1,3 милиони денари.

– Обвинетиот на 17.12.2015 година во име на општината склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за исплата и користење на средства во висина од 14.486.226 денари од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2015, наменети за реконстуркција на делницата од локалниот пат с. Мокрени – место викано Теовски Уши. Вкупниот потребен износ средства за реконстуркција на патот биле 17.093.747 денари со вклучен ДДВ кој паѓал на товар на општината. Потоа, на 10.12.2015 година обвинетиот во име на општината, по спроведена постапка, склучил Договор за јавна набавка на работи со ГД Изгрев инженеринг ДООЕЛ Велес и извршил уплата на авансни средства во висина од 2.897.245 денари кои претходно Агенцијата ги исплатила на општината – се наведува во соопштението.

Откако изведувачот ги завршил градежните работи и доставил завршна ситуација на градбата, обвинетиот како градоначалник на општината бил должен да изврши уплата на целиот долг. Но, иако согласно одредбите од договорот со Агенцијата, било забрането општината како корисник на средства од Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството и руралниот развој да врши нивна пренамена, обвинетиот од доделените наменски средства за реконстукција на патот уплатил 5.777.855 на изведувачот, а останатите средства во висина од 5.315.369 денари ги искористил за подмирување на други тековни обврски на општината.

Поради ненаплатениот износ за извршените работи во висина од 8.418.288 денари со вклучен ДДВ, изведувачот повел постапка за присилна наплата на побарувањето. Во текот на извршната постапка, покрај основниот долг, биле наплатени и трошоци за извршување, за адвокатски услуги и за камата за задоцнето плаќање, за кои заклучно со 25.4.2018 година од сметката на општината биле повлечени средства во износ од вкупно 1.357.826 денари, за кои општината е оштетена.