Нови рочишта за „Тендери“ и „Трезор“ на СЈО

81

Во Кривичниот суд во Скопје денеска се закажани нови рочиште за предметите „Тендери“ и „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство.

Случајот „Тендери“ се наоѓа во доказна постапка. Во него првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Судење денеска е закажано и за случајот  „Трезор“, каде првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.