Нови рочишта за „Тендери“ и „Тарифа“ на СЈО

51

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжат судењата за предметите „Тендери“ и „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство.

На судењето за „Тендери“, каде првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“, треба да бидат сослушани сведоци.

Предтходното рочиште за „Тендери“, кое требаше да се одржи на 13 јули годинава, беше одложено поради болест на судијата Осман Шабани.

Според обвиниението дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“  Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.