Нови рочишта за случаите „Таргет-Тврдина“, „Тарифа“, „Топлик“ и „Триста“

300

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство, „Таргет-Тврдина“, „Тарифа“, „Топлик“, и повторена постапка за „Триста“.

Случајот „Таргет-Тврдина“ е во доказна постапка, а е воден од судијката Женета Бегтовиќ. Застапник од обвинението е Ленче Ристевска од СЈО.

Денеска е закажано ново рочиште за предметот „Топлик“, во кој првоосомничен е екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, заедно со уште пет лица. Тој е осомничен за продажба на државно земјиште и изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.

Денеска треба да се одржи и рочиштето за предметот „Тарифа“, во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“, Дејан Бошковски заедно со две други лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Во случајот „Триста“, обвинет е Ѓоко Поповски, поранешниот помошник министер за внатрешни работи, за злоупотреба на службата и набавка на 300 возила за Министерството за внатрешни работи. Поповски го оштетил со тоа буџетот за 453.570 евра. Тој беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената должност, но Апелација во декември ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно судење.