Не ставајте слики од децата на Фејсбук!

Родителите не размислуваат за негативните последици од објавувањето фотографии од своите деца

Според некои експерти, објавувањето фотографии од деца на социјалните мрежи до 2030 година ќе биде причина за две третини од измамите со кражби на идентитетот. Со името, датумот на раѓање и адресата на живеење, која лесно може да се добие, доколку со една фотографија е објавена локацијата каде што е прославен роденденот, измамниците може да почекаат лицето да наполни 18 години и неговите податоци да ги користат за многубројни измами и кражби, па и за отворање разни профили

Сериозна опомена за родителите

Повеќе од седум милиони луѓе во светот постојано објавуваат фотографии од својата приватна архива на социјалните мрежи. Родителите се едни од најголемите злоупотребувачи на приватноста на своите деца, ако се земе предвид фактот што токму тие објавуваат најголем број фотографии од своите наследници. Фотографии се објавуваат уште кога децата не се родени. На социјалните мрежи може да се забележат фотографии од ултразвук, а се објавуваат дури и прогнозите за тоа кога треба да се родат децата.
Родителите објавуваат повеќе информации отколку што воопшто се свесни. Ваквиот тренд што го нуди развојот на технологијата несомнено води кон голем број негативни последици за децата. Па, така, се зголемува ризикот за кражба на идентитетот, злоупотреба на фотографиите, прекршување на нивната приватност и дискриминација со која во иднина би можеле да се соочат децата. А тоа се само мал дел од проблемите што може да ги предизвикаат родителите со објавувањето фотографии од децата.

Една студија покажува дека во Соединетите Американски Држави, повеќе од 90 проценти од двегодишните деца и повеќе од 80 проценти од бебињата веќе биле објавени со фотографии на социјалните мрежи од страна на нивните родители. Додека да наполнат 13 години, децата се објавувани на социјалните мрежи просечно околу 1.300 пати преку фотографии и видеа.
Во друга студија било констатирано дека родителите објавуваат фотографии и ги споделуваат само со една петтина вистински пријатели и роднини. Другите што се на листата пријатели се странци и непознати лица, а некои од нив во иднина може да станат непријатели. Со самото тоа, тие може да направат копија од фотографијата и да објавуваат срамни постови, кои засекогаш можат да го зацрнат животот на родителите и на децата.

Експертите наведуваат дека овој феномен на споделување на фотографии до 2030 година ќе биде причина за две третини од измамите со кражби на идентитетот, што ќе чини стотици милиони долари на годишно ниво. Со името, датумот на раѓање и адресата на живеење, која лесно може да се добие, доколку со една фотографија е објавена локацијата каде што е прославен роденденот, измамниците може да почекаат лицето да наполни 18 години и неговите податоци да ги користат за многубројни измами и кражби, па и за отворање разни профили.
Како резултат на овие, но и на многу други ризици, адвокатите што работат на заштита на детските права се обидуваат да ги едуцираат родителите да размислат малку повеќе пред да објават информации, вклучувајќи и фотографии од своите деца.

Професорката Стејси Стеинберг од Универзитетот во Флорида вели дека објавувањето разни информации и фотографии од децата е спротивно на правата на децата. Според неа, важно е да им се даде можност на децата да кажат „не“, кога станува збор за објавувањето разни податоци за нив, во кои спаѓаат разни текстови, фотографии или описи на нивните достигнувања. Стеинберг истакнува дека до четиригодишна возраст децата веќе имаат чувство за себеси и имаат свесност.
– Родителите што објавуваат разни податоци и фотографии од своите деца треба да ги прашаат децата дали би сакале тие информации да бидат споделени со роднините и со пријателите – смета таа.

Секако дека социјалните мрежи може да бидат извор на совети за родителите, како и за комуникација со роднини што живеат далеку, но Стеинберг истакнува дека родителите мора да бидат свесни за работите што ги објавуваат за своите деца.
Со постојаното објавување, децата може да го изгубат чувството дека имаат право да имаат приватност и дека не мора сѐ да споделуваат со јавноста.
– Мора да запреме и да размислиме што значи тоа за децата и за нивната иднина. Секој паметен уред што го имаме дома треба да биде добро прегледан и да биде разгледана неговата потреба. Дури и бебефоните, кои имаат звучник, микрофон и камера, имаат големи слабости и може лесно да бидат злоупотребени од страна на оние што знаат каде точно да ги бараат информациите и како да пристапат до нив.


Баба добила судска наредба да избрише фотографии од Фејсбук

Баба морала да ги избрише фотографиите од своите внуци што ги поставила на социјалните мрежи Фејсбук и Пинтерест, бидејќи ги објавила без дозвола од нивните родители, гласела одлуката на холандскиот суд.
Овој случај завршил на суд откако жената што била баба на внуците одбила да ги избрише фотографиите што ги објавила на социјалните мрежи. Нејзината ќерка, мајката на децата, неколкупати ја замолила да ги избрише фотографиите, но таа одбивала.
– Не постои заштита дека објавените фотографии на Фејсбук нема да завршат на некое трето, несоодветно место – изјавил судијата.
Поради тоа, бабата морала да ги избрише фотографиите, или да плати 50 долари казна за секој ден колку што таа ќе одбива да ги избрише фотографиите. Доколку во иднина повторно објавува фотографии, автоматски ќе треба да плаќа по 50 долари од ден.


Дигитално киднапирање

Дигиталното киднапирање е еден вид кражба на идентитет. Се случува кога некој зема фотографија на дете од Интернет и ја користи со ново име и презиме, за други цели, тврдејќи дека детето е негово. Постојат голем број примери за вакви случаи, меѓу кои е и оној кога еден странец украл фотографија од осумнаесетгодишно момче од страницата на неговата мајка и истата фотографија ја објавил на својот профил, тврдејќи дека детето е негово. Некои, пак, се претставуваат како децата и отвораат профили на социјалните мрежи во нивно име. Споделуваат несоодветни коментари, па дури и со вознемирувачка содржина. Некои од фотографиите може да завршат на интернет-страници и форуми со детска порнографија.

[email protected]