На првите борбени линии се примаат најмногу удари

Обвинителството работи на неколку случаи на напад на полициски службеници / Фото: Игор Бансколиев

Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, бројката на напади на службени лица годинава, односно од почетокот на годинава до септември, е поголема. Во оваа статистика, секако, не се влезени нападите од октомври и ноември, кога е евидентно и зголемувањето на нападите…

ВО ЕКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА, ВО ПОРАСТ И НАПАДИТЕ НА СЛУЖБЕНИ ЛИЦА

Откако почна целокупната ситуација предизвикана од пандемијата, сѐ потешко е да се работи како полициски службеник во земјава, бидејќи од март тие се на првата борбена линија кога станува збор за контрола за тоа дали граѓаните ги почитуваат задолжителните мерки за превенција од ширење на коронавирусот. Изминатите неколку месеци, пак, откако Министерството за внатрешни работи драстично го зголеми присуството на полицијата на улиците низ државата, но и откако беа воведени мерки за задолжително носење заштитна маска, полициските службеници повеќе од кога било се соочуваат со вербални напади и закани, за што доволно говорат извештаите од дневните билтени на МВР.
Обвинителството работи на неколку случаи на напади на полициски службеници, од кои само некои случаи се во главниот град Скопје, во Македонски Брод, но и во Велешко, кога дрвокрадци нападнаа полициски службеници и припадници на шумската полиција.
Самата професија „полицаец“ со себе носи предизвици на новите времиња, кога граѓаните не ја почитуваат оваа професија, па со самото тоа и ги напаѓаат и навредуваат полициските службеници. Во прилог на тоа тврдење одат и многубројните напади врз полицајците, кои само месецов се повеќе од десетина. Слична е состојбата и во соседна Србија, каде што полициските службеници добиваат ќотек, пцости и други видови насилство од страна на населението, но и речиси насекаде во светот.

Нападите на полицијата во светот се проширија како пандемија

Летово полициски службеник од Австралија доби сериозни повреди на лицето и на телото откако во една рутинска сообраќајна контрола бил нападнат од лице што се обидел да го легитимира.
За жал, ова не е случај само во Австралија, туку насекаде низ светот. Коронавирусот ја зголеми работата на полициските службеници, но и нервозата кај населението. Во периодот од мај до јули, само во Лондон нападите на полициските службеници пораснале за неверојатни 38 проценти во споредба со истиот период минатата година. Само за три месеци биле регистрирани дури 2.027 напади на полициски службеници.
Слична е состојбата и на Балканот, каде што полициските службеници речиси секојдневно претрпуваат одредени напади, но и вербални напади од страна на граѓаните. Напади врз полицијата има речиси во секоја земја на Балканот.

За да не добијат кривични пријави, спасот го бараат во напаѓање на полицајците

Насилното однесување, физичките пресметки и нападите врз полицајците не се реткост во земјава, но, според достапните информации, изминатиот период се зачестени ваквите инциденти. Во населбата Илинден беа приведени две млади лица, на 22 и 23-годишна возраст, откако физички нападнале и агресивно се однесувале кон полициски службеник додека вршел службени дејствија.
Лице од Крива Паланка, пак, агресивно се однесувало кон полициски службеници од полициската станица Гостивар, додека, пак, во Битола на почетокот на месецов беше уапсен 54-годишен битолчанец поради агресивно однесување и навредување полициски службеници од СВР-Битола, кои извршувале службени дејства.
Двајца државјани на Република Албанија откако биле запрени за да им биде извршен личен преглед од страна на полицајци во Гостивар, ги нападнале полициските службеници со тупаници. Со нападот, двете лица се обиделе да избегаат за да не бидат обвинети за трговија со марихуана. Тие ја набавиле марихуаната од Република Албанија и преку нелегален премин ја внеле во земјава, со намера да ја продадат. По инцидентот, едното лице било совладано и лишено од слобода, а во неговата чанта биле пронајдени околу 890 грама марихуана. Вториот осомничен избегал, но во утринските часови следниот ден сам се предал во полициска станица.

Бројката зголемена само за два случаи

Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, бројката на напади на службени лица годинава, односно од почетокот на годинава до септември, е поголема за два случаи. Во оваа статистика, секако, не се влезени нападите од октомври и ноември, кога е евидентно и зголемувањето на нападите.
– Во првите девет месеци од оваа година се регистрирани 113 кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбеднoст“, а во истиот период минатата година биле регистрирани 111 кривични дела – информираат од Министерството за внатрешни работи.

[email protected]

Фото: Маја Јаневска-Илиева