На бугарскиот авион не му било дозволено да слета во Скопје?

6361

Малиот авион од типот „Цесна П210Н“ на бугарскиот бизнисмен Георги Бошнаков кој вчера се урна кај Солунска Глава, наводно, сакал да слета на аеродромот во Скопје, но не добил дозвола од македонските власти поради официјалната посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, тврди бугарскиот портал „Булњуз“. Ова е најновата верзија која ја објавија бугарските медиуми како причина за несреќата што вчера се случи кај Солунска Глава.

Локален претставник на цивилната воздухопловна пловида, наводно, истакнал дека барањето за слетување во Скопје било одбиено поради мерките на сигурност околу заминувањето на грчкиот премиер, пишуваат бугарските медиуми. Според неофицијални информации, во исто време кога бугарскиот авион сакал да слета на скопскиот аеродром, грчката официјална делегација требало да замине за Атина, па  аеродромот во Скопје бил затворен од безбедносни причини.

– На бугарскиот пилот му била дадена наредба да кружи во воздух околу триесетина минути. Се претпоставува дека недостаток на гориво била главната причина поради која Георги Бошнаков одлучил да го продолжи летот кон Софија – објавува бугарскиот весник „Блиц“.

Соред македонските власти, авионот вчера попладнево во 16.16 часот исчезнал од радарскиот систем на контролата за летање. Контактот бил загубен западно од Солунска Глава. Два полициски хеликоптери веднаш биле испратени во потрага по авионот.

– Во 16.16 часот изгубен е контакт со мал авион од типот „Цесна П210Н“ што летал од Охрид за Софија. Поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да породолжи за Софија – истакна вчера директорот и претседател на УО на М-НАВ, Николче Тасески, кој додаде дека пилотот пријавил оти има силни турбуленции пред да го снема авионот од радарот.

Во авионската несреќа загинаа 47-годишен бугарски бизнисмен Георги Бошнаков, неговата 47-годишна сопруга, адвокатката Калина Корнажева – Бошнакова и нивните две ќерки 19-годишната Билјана и 14-годишната Гергана, како што објавуваат бугарските медиуми. Бошнаков имал уредна лиценца за летање издазена во Бугарија.

Екипи на МВР и на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) заедно со јавен обвинител во моментов вршат увид на местото на авионската несреќа, со што допрва се очекуваат први резултати од истрагата. Е.К.