„Насилство во Центар“ продолжува на 30 август со нови сведоци

103

Со сослушување на сведоци, судењето по предметот „Насилство во општина Центар“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), ќе продолжи на 30 август.  

На денешното рочиште, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, советничката на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време Даниела Рангелова и уште неколкумина кои биле дел од толпата која на 10 јуни 2013 година протестираше пред Општина Центар, беа сослушани двајца поранешни советници во Општина Центар од коалицијата предводена од СДСМ.

Јован Тагасовски и Дарко Гигоски сведочеа за моментите кога на седницата на Советот на општина Центар упаднале повеќе граѓани кои, според нив, биле со намера да ја прекинат седницата.

Сведокот Тагасовски прашан за случувањата на седницата на Советот, рече дека се сеќава дека група луѓе со фрлање на тврди предмети ги нападнале советниците од кои една нивна колешка била повредена, а од она што успеал да дознае, рече дека тие протестирале поради одлука за рушење на црквата „Св.Константин и Елена“ во Центар. Тој се обидел да им каже дека таква точка на дневен ред нема и оти не постои никакво рушење на црква.

Сведокот Гигоски имаше слични видувања за тогашнот настан, но за разлика од Тагасовски, тој препозна тројца во судницата кои тогаш учествувале во групата која упаднала на седницата во Советот на Општина Центар.

На почетокот на денешното рочиште обвинетиот Груевски доцнеше петнаесеттина минути, а адвокатот Димитар Дангов го извести судијата дека тој за кратко време ќе пристигне во судот. Обвинителката Фатиме Фетаи реагираше и побара од судијата обвинетиот присилно до биде донесен. По кратко време Груевски пристигна и беше предупреден од судијата за доцнењето.