„Монструм“ : Заврши испитувањето на загрозениот сведок

186

Судењето за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство за петкратното убиство кај Смилковско Езеро од 12 април 2012 година продолжи денеска со сослушување на загрозениот сведок, во рамки на доказната постапка.

Фејзи Азири, еден од обвинетите, му постави неколку прашања на загрозениот сведок кои се однесуваа на времето во кое, како што тврди сведокот, го забележал Назири на местото на злосторството.

Потоа, Азири се осврна на одговорите на заштитениот сведок од претходните сослушувања, со што консатираше дека загрозениот сведок првпат денеска навел дека покрај тоа што забележал тела, за кои не произнел повеќе детали, слушнал и пукотници кај Смилковското Езеро на денот на настанот.

Обвинителката Фатиме Фатаи, истакна дека на загрозениот сведок претходно не му било поставено конкретно прашање во однос на сведочењето за пукотниците.

Судот му постави неколку прашања на сведокот за двете возила, кои, според неговото тврдење, тој ги забележал, покрај возилото „Голф 3“, на местото на денот на петкратното убиство, како и за детали од околината кај Смилковското Езеро во тој период.

Сосушувањето на загрозениот сведок заврши, а судијата Огнен Ставрев посочи дека во маргините на доказната постапка следно ќе биде извршен увид на возилото „Голф 3“, за што Фатаи препорача јавноста да биде вклучена.

Адвокатот на одбраната Насер Рауфи, истакна дека постојат индикации со кои се утврдува дека загрозениот сведок е „лажен сведок“.

– Овој сведок е лажен, дефинитивно тоа се докажа и денеска, ова го тврдам и од причина што има еден огромен квантитет на разлики во неговите искази, тој веке осми пат доаѓа тука – нагласи Рауфи.

На 12 април 2012 кај скопското Смилковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.

За случајот се обвинети Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Самир Љута и Фејзи Азири, како и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, за кои е побарана екстрадиција од Косово.