МВР одзеде над илјада пара фалсификат патики од марката „Најк“

266

Дваесет и седумгодишен скопјанец (Б.Р.) доби кривична пријава поради повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.

МВР јави дека во јуни оваа година, врз основа на судска наредба, а по барање финансиската полиција, бил извршен претрес во дворно место на кое Б.Р. имал еден неизложен објект и други помошни простории во Визбегово, при што биле пронајдени и одземени 1023 пара патики од марката „Најк“.

Откако трговската марка извршила анализа, било потврдено дека одземените патики се фалсификувани производи.

Според изјавата на пријавениот, обувките биле набавени оваа година од лица од Република Турција, со готовинско плаќање, без документација, а потоа со камион на фирма од Струмица доставен во Скопје.

Без да склучи договор со компанијата сопственик на брендот или со овластени правни лица застапници на заштитената марка на територијата на РС Македонија, односно со која било компанија која што легално се занимава со производство на спортски обувки марката „Најк“, според пријавеното, имал намера да ги продава како да се оригинални спортски обувки од овој бренд и на тој начин да се стекне со противправна имотна корист во износ од најмалку 11.949.867 денари.