МВР интервенираше на карневалот во Вевчани поради непочитување на мерките

467
Фото: Твитер

Стотина полицајци меѓу кои имаше и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) попладнево влегоа во Вевчани за да го растурат традиционалниот карневал кој се одржуваше во општината.

Уапсени се повеќе лица, а полициската интервенција наиде на незадоволство од учесниците на карневалот и на дел од жителите.

Припадниците на МВР интервенирале бидејќи не се почитувале мерките за заштита од коронавирусот, ниту забраната за групирање на повеќе од четири лица. 

Од МВР велат дека и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани за одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собрале во Вевчани, без почитување на мерките, односно со недозволено групирање, поради што мораше да интервенира полицијата.

– По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни пријави. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани така и на сите граѓани – велат од МВР.

Група вевчанци не се откажаа од традицијата и излегоа маскирани на карневалот, а имаше и публика што го следеше дефилето.

Општина Вечвани оваа година се откажа од организирање на традиционалниот карневал.

Градоначалникот Сашо Јанкоски вчера апелира да се почитуваат мерките и протоколите на Комисијата за заразни болести.

– Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на годинешните концерти, изложби и сите други активности за Вевчанскиот карневал 2021 сѐ со единствена цел да ве заштитиме вас, вашите фамилии и вашите најблиски од оваа пандемија – напиша Јанкоски на Фејсбук.

Неофициојално специјална единица на МВР од Кичево вчера била преместена во Вевчани.