Латас и Бошковски на суд: Нови рочишта за „Тотал“ и „Тарифа“

85

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тотал“ и „Тарифа“.

Во „Тотал“ обвинет е новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал“ маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал“ медија центар и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.

Набавката на опремата за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.