Кумот на Груевски во притвор поради плацовите на Водно

541

Кривичниот суд во Скопје му изрече 30 дена притвор на Ристо Новачевски, кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацови на Водно.

Постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје тој денеска беше спроведен заради постоење на основано сомение дека го сторил кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 вв. со чл. 45 од КЗ.

– Судија на претходна постапка по разгледување и ценење на предлогот, како и произнесување на одбраната и обвинителството, донесе решение со кое го уважи предлогот и на Р.Н. му се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд – соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Обвинителката Вилма Русковска денеска од судијата на претходна постапка од кривичниот суд во Скопје побарала притвор и замрзнување на имотот за осомничениот Ристо Новачевски, кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацови на Водно.

– Истрагата се работела подолг временски период и е започната во поранешното СЈО, а последните неколкумесеци се работеше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Се работи само за едно кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело затоа што предикативното е веќе застарено. Во моментов се осомничени шест лица – изјави Рускоска пред кривичниот суд.

Таа прецизира дека во моментов се осомничени само физички лица и додаде дека засега во истрагата нема осомничено правно лице. Во овој предмет покрај Новачевски осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева.